Официјален почеток на „Избор за песна на Евровизија“- Стокхолм 2016

10.05.2016 13:55

„Come together“- слоганот којшто го одбележува годинашниов Евровизиски избор и на којшто ќe учествуваат 42 земји, вклучително и Австралија, во својата суштина повикува на заедништво и поврзување на светот и нациите низ фокусот на музиката и размената на позитивна енергија и сценски артизам.

Сѐ е подготвено за официјалниот старт и директни телевизиски преноси од најголемиот и најспектакуларниот музички избор во организација на Европската радио- дифузна унија: 61-то издание на Изборот за песна на Евровизија од „Ериксон Глоуб Арената“ во престолнината на кралството Шведска.

„Come together“- слоганот којшто го одбележува годинашниов Евровизиски избор и на којшто ќe учествуваат 42 земји, вклучително и Австралија, во својата суштина повикува на заедништво и поврзување на светот и нациите низ фокусот на музиката и размената на позитивна енергија и сценски артизам. Ваквиот концепт се надополнува и со годинашново лого- графичко дизајнерски осмислено како визуелизација на цветот од „глуварче“ (Taraxacum- латински) коешто ја симболизира планетата како оригинално единство составено од автохтони посебности.

Спектакуларна сцена со неверојатни 320 квадратни метри и лед екрани во должина од 32 метри и височина од 15,5 метри, со досега невидени технички, светлосни и пиротехнички ефекти, ќе овозможат визуелно- уметничките настапи на секоја од земјите да бидат пренесени до совршенство со помош на 24 камери, под раководство на режисерот на директните преноси: Свен Стојановиќ.

Според принципот и евровизиските правила на гласање и оваа година интернационалното стручно жири своите гласови ги депонира на втората комплетна генерална проба вечерта пред директните преноси на полуфиналните и финалната вечер. Ако се земе предвид дека годинава учествуваат 42 земји, тоа значи дека вкупно 210 членови ќе брои меѓународното стручно жири составено од етаблирани имиња од светот на музиката, шоу бизнисот и медиумите.

Така на вчерашната генерална проба покрај земјите учеснички во првото полуфинале гласаше и стручното жири на Шпанија, Франција и домаќинот Шведска. На втората полуфинална вчер покрај 18 земји претенденти за финалето ќе гласаат уште и останатите земји од големата петорка: Германија, Италија и Обединетото Кралство. Нивните вкупни гласови претворени во евровизиски поени зедно со телевоутингот во однос 50 : 50 %  одредуваат 10 финалисти од секоја полуфинална вечер, а на крајот во големото финале кога исто така ќе гласаат на генералната проба ќе го одредат и конечниот пласман на сите 26 песни и земји во финалето.

Имињата на интернационалното стручно жири од секоја земја беа објавени на 1-ви мај. Во директните преноси од полуфиналните и финалната вечер гласа телевизискит аудиториум со јавување или испраќање на смс порака на посебен телефонски број, а публиката ќе може да гласа и со симнување на апликацијата од официјалната евровизиска страница, којашто овозможува гласање и преку посебна интернет платформа, но и „on line“ следење на се што се случува на сцената, информации за земјите и учесниците, но исто така и следење на директнте преноси и песните за лицата со пречки во слухот со помош на интернационалниот јазик на знаците.

Македонија на Изборот за песна на Евровизија учествува од 1998-та година, но со воведување на полуфиналниот формат на елиминации досега обезбедува пласман во финалето само 5 пати и тоа: 2004, 2005, 2006, 2007 и последен пат во 2012 кога токму Калипи со композицијата „Црно и бело“ ѝ обезбеди пласман на Македонија во финалето. Нејзиниот професионален кредибилитет исклучителни вокални способности и лична харизма и овојпат во Стокхолм повторно како и во Баку наидуваат на вистинско воодушевување не само кај евровизиските фанови туку и во круговите на националните делегации и присутните во „Глоуб арената за време на пробите.

Македонската поп дива Калиопи со композицијата „Дона“ на авторскиот тандем: Ромео Грилл/ Калиопи за Македонија настапува во втората полуфинална вечер на 12-ти мај.

Според највоздржаните предвидувања, оваа година директните телевизиски преноси се очекува да бидат проследени од над 250 милиони гледачи ширум светот, а истиот го пренесуваат Америка, Кина, Канада, Австралија и речиси сите земји од Европската Радио- дифузна унија, без оглед на нивното учество.

Директните преноси на Македонската Радио Телевизија од двете полуфинални вечери на 10 и 12 мај како и директниот пренос од големото финале на 14 мај започнуваат во 21 часот.

 

Каролина Петковска- официјален коментатор на МРТ од ЕСЦ 2016 Стокхолм, Шведска