Хаjндл во Скопје: Почна серијата разговори со македонските политичари

12.05.2016 15:11

Денеска и утре во Македонија престојува германскиот специјален пратеник, амбасадорот Јоханес Хајндл. Како што најави германската амбасада, тој има набиена агенда и ќе разговара со лидерите на четирите партии, со шефот на дипломатијата Попоски и со амбасадорите Орав и Бејли...

Со средбата со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, која во моментот трае, почнува серијата разговори на германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл со македонските политичари. На неговата агенда секако се лидерите- потписници на Пржинскиот договор, кака  и странските амбасадори во земјава.

Според информациите, денеска попладне е предвидена средба и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и со амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.

Германскиот специјален пратеник и амбасадор доаѓа како посредник за наоѓање решение од политичката криза, која, меѓународниот фактор деновиве неколку пати повтори дека предолго трае и побара од лидерите да ѝ стават крај.

Иако Хајндл е именуван од Сојузна Република Германија како индивидуално посредништво, сепак, поддршка добил и од шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини. Германскиот дипломат важи за добар познавач на состојбите во регинот.

Вчера, министерот Попоски изјави дека посетата на Хајндл ја гледа како позитивен сигнал на Германија која сака да помогне во изнаоѓање на решение за политичката криза.

 

Катерина Топалова