Познати носителите на кандидатските листи од ВМРО-ДПМНЕ

12.05.2016 16:32

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, министрите Попоски и Тодоров и тројца пратеници се носители на пратеничките листи. За Социјал- демократите поднесувањето на листите значи дека граѓаните и државата за Груевски се на последно место. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека ниедна опозиција не се плаши од избори ако е сигурна дека ќе победи како што тоа изгледа во фантазиите на Заев...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски е носител во првата изборна единица, министерот за надворешни, Никола Попоски во втората. Координаторот на пратеничката група, Илија Димовски е прв на листата во тројката. Во четворката е министерот за здравство, Никола Тодоров. Пратениците Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев се носители во петтата и шестата изборна единица. Павле Саздов ја предводи листата на дијаспората. Од актуелните политички имиња на партијата, на листите се наоѓаат Трајко Вељаноски, Зоран Ставрески, Диме Спасов и Елизабета Канческа Милеска. На листата на владеачката коалиција со четворица кандидати ќе биде застапена ГРОМ- во единицата, тројката четворката и во 6-та изборна единица.

Освен коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кандидатски листи доставија и Народното движење за Македонија на Јанко Бачев и Социјал-демократската партија на Македонија на Бранко Јаневски. И двајцата се носители на листа. 

Од СДСМ денеска се огласија со сооштение. Велат дека со поднесување на пратенички листи за непостоечки избори, Никола Груевски потврдил дека за него државата и граѓаните се на последно место. „Во Македонија може да има и ќе има само слободни, фер, демократски и регуларни избори“, велат од СДСМ.

Реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ. Цела Македонија го виде паничниот страв на СДСМ од избори и соочување со волјата на народот. Ниту една опозициона партија не се плашела да се соочи со граѓаните. Посебно не кога е сигурна дека ќе победи, како што тоа изгледа во фантазиите и соништата на Зоран Заев со кои се потсмеваат сите.

 

Миле Ристески