Дискриминирани болните од епилепсија

01.02.2014 13:27

Ги има помеѓу нас, но се кријат. Се плашат од предрасудите на општеството. Водат таен живот, познат само на нивните блиски...

Ги има помеѓу нас, но се кријат. Се плашат од предрасудите на општеството. Водат таен живот, познат само на нивните блиски. Ова е животот на болните од епилепсија.Токму ова било причина Деан Бунески, да го формира Здружението на епилептичари на македонија - Епилепси. Тој не е болен, но има епилептичар во семејството. Вели, овие луѓе се кријат, поради стереотипите кои владеат. 
 
„Тие луѓе ќе бидат дискриминирани, нема да можат да најдат вработување, ќе бидат одбегнувани доколку некој од пациентите е дете, ќе го одбегнуваат на училиште. На овие луѓе се гледа како да имаат незнам каква тешка болест, а епилепсијата не е заразна“, вели Деан Бунески, Претседател на Епилепси.
 
Епилепсијата е болест на мозокот, се манифестира со напади на болниот, а може да се добие без разлика на возраста. Но, лекарите велат дека воопшто не треба да постојат предрасуди бидејќи таа се лекува.
 
„Многи голем број на луѓе кои имале епилепсија го задолжиле човештвото. Пример Достоевски имал епилепсија, Цезар, Ван Гог и многу други. Затоа епилептичарите можат да бидат доста добри работници, болеста се контролира со терапија, а може исто така со подолготрајно земање на терапијата, болеста може и да се излечи“, истакна Д-р Снежана Бурнеска, специјалист невропсхијатар. 
 
Според некои статистики во Македонија има над 30.000 луѓе болни од епилепсија.
 
Освен што ќе се трудат да ги урнат табуата од Епилепси ќе барале помош и од државата, бидејќи сите лекови ги немало кај нас и пациентите на црно ги набавувале од странство.
 
„Ќе бараме тие лекарства да се воведат на позтивната листа, затоа што поголемиот дел од луѓето кои имаат епилепсија поради табуата неможат да најдат работа, неможат да остваруваат егзистенција, а според тоа немаат ниту пари да ги купат лековите“, рече Деан Бунески, Претседател на Епилепси.
 
26 март е светскиот ден на епилепсијата. Од Епилепси планираат за прв пат тој да се одбележи и кај нас за поголемо запознавање со оваа болест.
 
Дарко Штаргоски