На 13-ти април претседателски избори
За шеф на државата ќе се гласа на 13-ти април. Претседателот на Собранието Трајко Велјановски го потпиша решението. Ќе биде доставено до...

За шеф на државата ќе се гласа на 13-ти април. Претседателот на Собранието Трајко Велјановски го потпиша решението. Ќе биде доставено до државната изборна комисија и до Министерствата за надворешни и за правда. Датумот е избран за да нема совпаѓање на првиот и на вторниот изборен циклус со празникот Велигден, рече Велјановски. Задоволен е од усвоените измени на изборниот законик кои беа прифатени и од власта и од опозицијата.
-Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се усвоени и од едните и од другите, при што очекувам истите да се почитуваат. Да покажеме демократска зрелост и во демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат, рече Трајко Велјановски, претседател на Собранието.
Велјановски вели дека до него не стасала информација за распуштање на парламентот што би било вовед во предвремени парламентарни избори. Притисокот на ДУИ врз Груевски - или консензуален претседател или предвремени парламентарни избори, остава простор за неизвесност. Премиерот денеска изјави дека неговата партија е фокусирана на претседателските избори, но, изјавите на челниците на ДУИ последниве денови фрлале нова светлина врз настаните што доаѓаат.
-Со денешното распишување на претседателските избори, стартува процесот и планот на ВМРО-ДПМНЕ некаде кон крајот на февруари или почетокот на март да одржи конвенција на која ќе се избере и кандидат за претстојните претседателски избори. Што се однесува до евентуални предвремени парламентарни избори можам да кажам дека досега сме фокусирани на претседателските избори и не бевме фокусирани на прашањето поврзано со предвремени парламентарни избори. Сепак, изјавите што ги дадоа челници на ДУИ во минатите неколку дена фрла нова светлина врз настаните коишто доаѓаат и ние тоа со внимание го следиме и анализираме, изјави премиерот Никола Груевски.
Оваа недела, кога се очекуваше распишувањето на претседателските избори, некои од медиумите кои важат за блиски до најголемата опозициска партија пишуваа дека овие ќе бидат највалканите избори и покажаа страв од исходот. Дали предвремениот суд има основа ако се знае дека и СДСМ се согласи за измените во изборниот законик.
Анита Димитријевска
