Сите политички партии со иста цел за НАТО
06.02.2014 15:21
Средбите во Вашингтон со сенаторот Марко Рубио, конгресмените Роберт Адархорд, Френк Волф, Тони Хол биле искористени за испраќање порака дека Македонија заслужува членство во НАТО.

Четворица македонски пратеници присуствуваа на Молитвениот појадок со американскиот претседател Барак Обама. Средбите во Вашингтон со сенаторот Марко Рубио, конгресмените Роберт Адархорд, Френк Волф, Тони Хол биле искористени за испраќање порака дека Македонија заслужува членство во НАТО.
„Македонската собраниска делегација имаше повеќе средби и со конгресмени и со сенатори, од Републиканската и од Демократската партија, каде што ги кажавме македонските позиции и ги аргументиравме македонските аргументи за членство во НАТО и во Европската униј“, вели Влатко Ѓорчев-пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите овие средби ги искористивме заеднички да демонстрираме дека кога се работи за стратешкиот интерес на државата можеме да бидеме заедно и да се стремиме кон исти цели и тука нема никаква разлика меѓу политичките партии во Република Македонија“ , посочи Андреј Петров-пратеник на СДСМ.
Околу три илјади учесници учествуваат на Молитвениот појадок во Вашингтон како обид за ширење на толеранцијата и заемното почитување меѓу различните народи во светот.
„Денеска овој голем собир каде што се собираат различности од целиот свет не не изненадува, бидејќи Република Македонија си го има овој карактер“, изјави Сузана Салиу- пратеник од ДУИ.
„Во името на љубовта, проштевањето, мирот и економскиот просперитет во светот баравме поддршка за Република Македонија за нашето членство во НАТО“, изјави Силвана Бонева-пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Секоја година на Молитвениот појадок во Вашингтон е поканета и Вилма Трајковска. Оваа година на појадокот присуствуваше и Владо Бучковски.
Македонска делегација од независноста на земјата, традиционално учествува на Молитвениот појадок што се одржува во хотелот Хилтон во Вашингтон.
Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон
