„Цар Самоил“ ги очекува пензионерите

06.02.2014 15:28

Персоналот се подготвува за пречекот на новата тура пензионери кои петта година по ред го исполнуваат хотелскиот капацитет и ги користат бањските услуги...

Тивко е во ходниците на бањата во хотелот Цар Самоил во Банско. Персоналот се подготвува за пречекот на новата тура пензионери кои петта година по ред го исполнуваат хотелскиот капацитет и ги користат бањските услуги. Годинава за бесплатната бања финансирана од министерството за труд и социјална политика аплицирале над 12 илјади пензионери. Можноста да се лекуваат во четирите бањи може да ја искористат до 15-ти февруари. Во очекување на новите гости, редовните пациенти заадоволни третманот.

-Па доста ми помага, чувствувам големо подобрување, вели пациент во Бања Банско.

Лекарите велат, дека освен базенот, во зависност од дијагнозата, пензионерите користат и масажи, кинези, електро или парафинска терапија.

-Има ефект позитивен, по нивното здравје. Пензионерите заминуваат задоволни. Кај поголем, дел од тегобите со кои дошле се намалени, вели д-р Лилјана Горгиева- специјалист физијатар.

Последниве пет години низ бањата во Банско бесплатно се лекувале околу шест илјади пензионери. Раководните лица велат, дека освен бенефитот за корисниците, и самата бања има корист во нејзиниот натамошен развој.

-Ако направиме и финансиска анализа, добиваме околу 35-40 милиони денари остварени приходи, кои сигурно многу помогнале ние да се развиваме побрзо, да правиме рехабилитација и ревитализација на нашите капацитети, вели Добрин Андонов- директор на хотел „Цар Самоил“ Бања Банско.

Во март треба да пристигнат првите групи пензионери. Од министерството за труд и социјална политика велат дека од тогаш почнува и исплатата на повисоки пензии за пет проценти.

 

Катерина Давчева