По 10 години ништо ново за Македонија

06.02.2014 16:22

Во резолуцијата Европскиот парламент, како и што се очекуваше уште еднаш го повикува Советот на Европската Унија да утврди без одлагање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ...

Во резолуцијата Европскиот парламент, како и што се очекуваше уште еднаш го повикува Советот на Европската Унија да утврди без одлагање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување. Веднаш по гласањето ги забележавме следните реакции во пленарната сала.

„Не може да се толерира да преговараме со Србија и Црна Гора, нешто што го поздравувам, а со една друга земја на која и дадовме ветувања и на која и дадовме статус на кандидат не ги имаме започнато пеговорите. Тоа се должи на фактот што две држави членки: Грција И Бугарија го измислија прашањето за името за да го блокираат почетокот на дискусиите за членство. Македонија е демократија и има заблежителен економски развој  и таа е пример во однос на политиката кон етничките и малцинските заедници. Обседувачката политика на некои земји и наштетува на интересите на ЕУ. Ги повикувам Грција и Бугарија да ја променат нивната политика, бидејќи Македонија секогаш ќе се вика Македонија“, вели Бернд Поселт, германски европратеник.  
 
На пленарната сесија се усвоени 4 од вкупно седум предложени амандмани кои не ја изменија содржината на резолуцијата.
 
Помина амандманот на холандската европратеничка Марије Корнелисен од групата на Зелените, во кој се поздравуваат мерките на македонските власти по откривањето на висока количина на пестициди во земјоделските прозиводи. Истовремено се повикуваат надлежните власти во Македонија да ја интензивираат контролата и да го проверат на поефикасен начин почитувањето на европските фитосанитарни норми. Групата на Зелените успеа да ја дополни резолуцијата со поддршка на на предлогот на Метју Нимиц за сложено име со географска одредница за нашата земја:
 
„ЕП оценува дека тој предлог може да претставува добра основа за компромис под услов ако македонскиот идентитет, културата и јазикот нема да бидат ставени во прашање.“
 
Според многумина европратеници оваа резолуција треба конечно да и овозможи на Македонија да напредува.
 
„Гласав за извештајот на ПЈРМ со надеж дека тоа ќе ги охрабри граѓаните на земјата и ќе им даде нова перпсектива на патот за европската интеграција“ смета Здравка Бушиќ, европратеничка од Хрватска.

„Посебно го поздравувам повикот до Советот да ја усвои препораката за отворање на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација и конечно да ги започне преговорите. Македонија пред десет години доби статус на кандидат и не помрднува во таа насока. Одреден дел на послeдиците од таа состојба се чувствуваат многу во земјата. Затоа го поздравувам извештајот и напрото на Парламентот за да земјата конечно тргне на својот европски пат“, оцени Бушиќ.
 
Резолуцијата, не е обврзувачка за Советот на ЕУ, но таа има големо политичко значење. Оваа резолуција беше последна за Македонија од овај состав на ЕП, да се надеваме дека идниот состав по мајските избори ќе биде исто така позитивно наклонет кон Македонија, како сегашниот.
 
За МРТ од Стразбур, Тони Гламчевски