Могерини реферира за Западниот Балкан
Брисел расправа за состојбите во државите од Западен Балкан. „Ситуацијата е тензична, но регионот има сила и капацитет да одговори на предизвиците, доколку биде поддржан со веродостоен евроинтеграциски процес“ – порача пред состанокот на министрите за надворешни работи, високата претставничка на Унијата за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Состојбите во Македонија и останатите држави од Западен Балкан е една од темите на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија. На седницата на Советот на министрите, шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини ги брифира министрите за резулатите од нејзината минатонеделна посета во регионот, на која, таа ја пренесе пораката дека вратите на ЕУ се отворени за сите држави, но и дека регионалната соработка и понатаму е од пресудно значење.
„Штотуку се вратив од посетата на регионот, ќе ги информирам министрите, а во текот на неделата и премерите за ситуацијата која е во моментов, ќе ги истакнам предизвиците како внатрешни, така и регионални, но и глобални. Тоа е регион кој има капацитет и сила да реагира, да одржи и придонесе кредибилност за евроинтрагицијата, која е секако дел од нашата работата. Затоа очекувам денес, како и на Советот кој ќе се одржи оваа недела да се изрази силна посветеност кон Западен Балкан со цел кредибилна европска перспектива“, изјави Могерини.
Се очекува денес министрите да усвојат заклучоци, кои ќе бидат основа за подготовка на извештајот за Западен Балкан, што ќе треба да биде донесен на Самитот на ЕУ, кој ќе се одржи во четврток и во петок, овде во Брисел, а со што ќе се потврди ангажманот на ЕУ во однос на регионот вклучувајќи го одржувањето на политичките и економските врски, сѐ со цел намалување на тензиите во Западен Блкан. Во заклучоците на министерската средба ќе биде нагласена неопходноста од продолжување на реформските процеси со цел да се обезбеди непречено напредување на партнерите од Западен Балкан на европскиот пат.
„Да не се вмешаа некои политичари од Европската унија во внатрешните работи на Македонија, ова немаше да се случи. Никогаш не го поддржавме начинот на мешање на Унијата. Немаше да ви се случи ваква лоша состојба ако ви дозволеа да ги почнете навреме преговорите за членство. За време на минатиот состанок на министрите за надворешни работи, иницирав изјаснување кај некои од пријателите, да заземат став за платформата бидејќи, знаете, многу е чудно, некои партии да имаат, некои да немаат, одобрување за коалицирање со партии од друга земја. Уште почудно е што Европската унија ништо не се изјасни“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.
„Многу сме загрижени за состојбата во Македонија. Холандија е голем пријател на вашата земја. На крајот ова мора да биде решено во самата Македонија. Мислам дека треба да се почитува собраниското мнозинство и се да биде направено без каква и да било вербална агресија. Македонија самата треба да реши. Ние сме отворени за придружувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, но сево ова треба да се направи на мирен начин. Загрижени сме поради вербалните обраќања, и затоа ги повикувам партиите да се однесуваат смирено и демократски“, изјави холандскиот министер за надворешни работи, Берт Кeндерс.
Во фокусот на денешната средба е спроведување на глобалната стратегија на ЕУ, во областа на безбедноста и одбраната, и ангажманот на Унијата во соседството и пошироката безбедност, а се дискутира и за проблемот со миграцијата како и за климатската и енергетската дипломатија на ЕУ.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ