На европската скала македонското здравство за 3 места погоре од лани
Иако е во втората половина на листата со 27 место, во одредени сегменти подобро стои и од некои земји-членки на ЕУ.

Иако е во втората половина на листата со 27 место, во одредени сегменти подобро стои и од некои земји-членки на ЕУ.
Македонија е рангирана на 27. место на европската скала за квалитет на здравствената заштита, за три места погоре од лани (според индексот на Еuro Health Consumer-експертска организација со седиште во Шведска, извештај за потребите на Европскиот парламент). Критериумите се состојат од 50 параметри, а се споредуваат 35 земји. На врвот на листата е Холандија, потоа Швајцарија, Исланд, Данска и Норвешка. Само две места пред нас е Грција. Според извештајот на EHCI, полоша здравствена заштита од Македонија имаат Унгарија, Албанија, Бугарија, Полска, Летонија и Романија.Последна на листата е Србија.
Сепак, според ова истражување, лошо сме позиционирани во однос на издвојувањата за здравство, имаме висока доенечка смртност, лоши податоци за и околу крвниот притисок. Нема податоци за МРСА за очно перде, нема дијализа во домашни услови.
Лошо стоиме и со правата на пациентите, а за времето на чекање услуги од максималните 225 поени, оценети сме со 163. Претпоследни сме на листата за сегментот фармација-зад нас е само Албанија. Во извештајот стои дека сите поранешни југословенски држави се обидуваат да изградат модерен здравствен систем, а Македонија е успешна во делот на електронското здравство.
Долг пат до подобра здравствена грижа, и покрај подобреното рангирање, особено за намалување на смртноста на доенчињата,објаснува д-р Арне Бјорнберг, претседавач на HCP и раководител на истражувањето.
Здравствените системи финансирани од осигурување („Бизмарк системи“ или по принцип на солидарност ) стануваат сѐ посупериорни во однос на системите финансирани од даноци. Постојат успешни здравствени системи финансирани од даноци, но тоа се најчесто во мали и богати земји, какви што се Данска, Исланд и Норвешка. Очигледното мнозинство земји со осигурување имаат најдобри здравствени системи, како на пример Холандија и Швајцарија. Таму кризата нема влијание. Во истражувањето се вели дека за прв пат по 2005 год. се забележува поголем јаз во здравствената заштита меѓу богатите и сиромашните земји.
Македонија вложува големи напори за подобрување на состојбите. Работи на спроведување на Стратегијата на СЗО до 2020 година на национално ниво и ги интегрира националните документи и активности за развој на сите сегменти на системот во една ефикасна, ефективна и одржлива рамковна политика во здравјето. Целта на новата стратегија на СЗО за здравје и благосостојба до 2020 година е значајно унапредување на здравјето на населението, намалување на нееднаквостите и обезбедување одржливи здравствени системи во чиј фокус е човекот. Од аспект на здравјето, како услов за мир и безбедност, и со клучна улога за постигнување еднаквост и социјална правда, солидарност и демократска партиципација, но и како инвестиција во човечкиот, економскиот и соци јалниот развој на државата.
Меѓу првите чекори на Македонија е Договорот за соработка за 2014/15 година склучен меѓу Министерството за здравство и СЗО. Со оваа активност Министерството за здравство се приклучува кон годинашните европски напори за превенција и контрола на незаразните болести. Покрај подготовката на Националната стратегија за незаразни болести до 2020 година, се предвидува и донесување Национален оперативен план за здравје до 2020 година, како и спроведување силни мониторинг рамки за следење и проценување на имплементацијата.
Своја континуирана поддршка за активностите изразува и регионалната директорка на СЗО за Европа Сузана Јакаб, според која економската и фискалната криза се сериозен предизвик и ризик за многу држави, но истовремено претставуваат и значајна можност за рефокусирање на заедничките напори за подобрување на здравјето на сите луѓе.
Соња Стојановска
