Иванов на Ломоносов во одбрана на македонскиот јазик
„Негирањето на јазикот претставува негирање на перцепцијата и реалноста на еден народ. Негирајќи го јазикот, се негира идентитетот“ – говор на претседеталот Ѓорге Иванов ...

„Негирањето на јазикот претставува негирање на перцепцијата и реалноста на еден народ. Негирајќи го јазикот, се негира идентитетот“ – говор на претседеталот Ѓорге Иванов кој денеска стана почесен професор на Московскиот универзитет Ломоносов. Рече дека обидите да се раздели еден народ е можно преку одземање на способноста тој да комуницира. Преку мисла на Ломоносов, Иванов го опиша моменталното чувство на Македонците.
„Зарем нема да биде осудена славата на рускиот народ ако неговото потекло и име се постават толку доцна и им се одрече древноста, во која другите народи за себе бараат чест и слава. Токму овие зборови нè потсетуваат на искуството што го има речиси секој Македонец. Чувство да се биде предмет на негирање и на присвојување на историјата, јазикот, културата, традицијата. Македонија, за жал, сè уште се соочува со она што ѝ се случувало на Русија за време на големиот Ломоносов. Современиот македонски јазик е признаен речиси во цел свет. Само две земји имаат проблем Бугарија за нашиот јазик вели дека бугарски дијалект, а Грција воопшто не го признава“, изјави претседателот Иванов.
„Со Македонија живеам повеќе од 30 години“, рече професорката-македонист Елена Верижникова, која претседателот Иванов ја одликува со медал за заслуги за Македонија за придонес во афирмацијата и популаризацијата на современиот македонски јазик. На нејзината катедра на Универзитетот Ломоносов има студенти кои го изучуваат македонскиот јазик.
„Мојот живот од осумдесетите години е определен за македонскиот јазик. Тоа околу што се врти мојот живот е Македонија. Со Македонија е поврзано се што е важно за мене“, вели Елена Вернижикова, професорка по Македонски јазик.
За унапредување на соработката меѓу образованите институции, Орден за заслуги за Македонија, претседателот Иванов му додели на професорот Евгениј Суханов. И со руската академска фела, за што сведочат и заемните признанија, констатација дека изминатите 20 години дипломатски односи меѓу двете земји поминале пријателски. Таквото расположение го круниса и настапот на Скопскиот дувачки квинтет.
Стојан Трпчевски
