Топлото време – сојузник на грипот
10.02.2014 16:54
Продолжува невообичаено топлото време за февруари. Во некои делови од земјава има и до 17 степени. Докторите велат дека високите температури и немањето снег се сојузник на грипот. Расте бројот на заболени, а според последните податоци најмногу ги има во Кавадарци...

Наместо снег и минусни температури, пролетно време со 17 степени во февруари. Ова, велат лекарите, се идеални услови за ширење на грипот и лесно пренесување од човек на човек.
„Многу полесно се шират вирусите. Со едно кашлање или кивање се шират милиони вируси и бактерии“, изјави Беким Бекими, доктор по општа медицина.
Граѓаните покрај на честите настинки и грипот, се жалат и на други нарушувања на здравјето, поради невообичаено топлото време и немањето снег.
„Имам тешкотии кога се движам, а и многу кашлам“. „Жена ми е болна и еве дојдовме на лекар“. „Нема снег и сега е бетер, воздухот во Тетово е загаден“, велат жителите на Тетово.
Бројот на заболени се зголемува. Докторите препорачуваат да се избегнуваат места на кои се собираат многу луѓе, да се зголеми нивото на личната хигиена, да се внесува здрава храна.
„Да не се биде во близина на некој што е заразен од грип, да се внимава во градинките, училиштата и јавните превози“, вели Беким Бекими, доктор по општа медицина.
Симптомите се температура, болки во зглобовите, омалаксаност, кашлање, течење од носот.
Од почетокот на сезоната на грипот во Тетово се регистрирани 610 заболени. Тоа го сместува градот на петото место во земјава по бројот на вакви пациенти.
Според последните податоци од републичкиот Институт за јавно здравје најмногу заболени од грип има во Кавадарци, потоа во Скопје, Куманово и Струмица. Оваа сезона има речиси 40% повеќе грипозни од лани.
Зоран Јованоски
