Задолжителна доедукација на матичните лекари или казна!

10.02.2014 16:58

Министерството за здравство предлага измени на Законот за медицински студии и континуирано медицинско доусовршување на докторите на медицина. Ќе се прават годишни планови кој, каде и за што ќе се доедуцира...

Едукација на матичните лекари ќе биде задолжителна. Министерството за здравство предлага измени на Законот за медицински студии и континуирано медицинско доусовршување на докторите на медицина. Ќе се прават годишни планови кој, каде и за што ќе се доедуцира.
 
Целта е да се подигне нивото на знаење. Образложението на Министерството за здравство е дека мора да се раздвижат оние што премногу се опуштиле и со години останале на исто ниво, и сметаат дека посериозно ќе си ја сфатат работата ако им виси казна над глава. Доколку матичните лекари не се појават на едукација, не го положат теоретскиот тест и не обезбедат потврда за практичниот дел, ќе бидат казнети со 20% помалку од годишната капитација. Ако две години по ред не одат на доедукација, ќе им се раскине договорот за издавање лиценца за вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствени установи и нема да можат да склучат нов договор со Фондот една година.  
 
Фондот во петгодишните договори што ги склучи веќе има предвидено 30% казни за нереализирани цели. Оваа казнена политика  ја прелева чашата, велат во Здружените на приватните матични лекари,што функционира во рамките на Лекарската комора. Не се против едукација, но сметаат дека матичните лекари се неправедно третирани затоа што досега ги прифатиле сите промени што ги диктираат здравствените власти. Меѓу нив има специјалисти по семејна медицина, гинеколози, трудова медицина и др. коишто редовно се надградуваат на конгреси и преку други стручни усовршувања.
 
Тие не се против едукација, иако секој втор викенд се обврзани да посетуваат некаква обука или да дежураат во здравствените домови. Велат, докторот треба да биде и одморен за да не згреши. Револтирани се и од финансиската дискриминација затоа што едукациите ги прават на свој трошок за транспорт во друг град, оптоварени се и со други двачки, а на лекарите од терциерното здравство сe им е платено.
 
Дополнително се револтирани затоа што при правење на плановите  не се води сметка кој во кој град оди, па се случува наместо во своето место на живеење, каде што се прави иста обука, да бидат распоредени во друг град. Посебни забелешки имаат на односот на некои од нивните колеги супспецијалисти од Клиничкиот центар кои се однесувале непрофесионално и со омаловажување.  
 
Второ читање  на предлог-измените се на дневен ред во собраниската Комисија за здравство закажана за четврток. Здружението на приватните матични лекари таму ќе го искаже својот став. 
 
Соња Стојановска