Детето од Штип не е затруено

11.02.2014 16:59

Алармот стигнал од воспитувачката од штипската градинка која се сомневала дека бебето се затруло со отров за глувци...

15 месечното бебе од Штип не е затруено. Ова го тврдат докторите кои вчера го хоспитализираа на Клиниката за детски болести. Алармот стигнал од воспитувачката од штипската градинка која се сомневала дека бебето се затруло со отров за глувци.  Според д-р Софијанова најверојатно не станува збор за труење.

„Негувателката се посомневала дека детето голтнало течност, па заради превенција веднаш било префрлено во клиничката болница во Штип, каде му е дадена прва помош. Според директорот на градинката Митров, воспитувачката реагирала навремено бидејќи во текот на викендот се вршела редовната дезинсекција, дератизација и дезинфекција“, вели Аспазија Софијанова, директор на клиниката за детски болести.

„Заклучивме заедно дека треба законски да постапиме и да го викнеме родителот и заради безбедност на детето и повисоките здравствени институции да го проверат случајот до крај“, изјави Иле Митров, директо на ЈУ Детска градинка „Астибо“.

Детето првично не покажувало симптоми на затруеност.

„Во тој момент се преземени сите мерки на претпазливост и како резултат на тоа му е испирано желудничето. Од испираните маси не се најдени сегменти, односно остатоци од било какви хемикалии или отрови кои се користени претходниот викенд“, изјави д-р. Марина Гацова, раководител на детско одделение, Клиничка болница – Штип.

Од Центарот за јавно здравје од  Штип,велат дека средствата за дератизација, дезинфекција и дезинсекција безбедно се поставуваат во градинките и училиштата.

„Во просториите каде престојуват и се движат децата воопшто не е ставано отров, туку во некои помошни простории“, изјави д-р. Велик Грков, раководител на Центар за јавно здравје – Штип.

Лекарите велат дека симптомите при труење со отров за глувци се внатрешно краварење, висока температура и дијареја. И покрај уверувањата на докторите дека состојбата на детето е стабилна неговите родители инсистирале да биде пренесено на детската клиника во Скопје.  

Андријана Атанасовска