Што носи Венизелос во актовката?
11.02.2014 17:04
Евангелос Венизелос го потврдил доаѓањето идната недела во Скопје и на македонскиот колега Никола Попоски...
Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос го потврдил доаѓањето идната недела во Скопје и на македонскиот колега Никола Попоски. Двајцата се сретнаа на маргините на вчерашниот дипломатски состанок во Брисел.
Со бугарскиот колега Кристијан Вигенин, Попоски се договорил заеднички да инсистираат Европската комисија финансиски да помогне при поврзувањето на Коридорот 8. И покрај престојните избори на Европскиот парламент и евроскептицизмот на одредени партии, Попоски истакна дека на вчерашниот состанок останала главната порака дека ЕУ останува на ветувањето „сите земји од Балканскиот полуостров се преодредени за членство“.
„Разговаравме и за значењето на овој процес да добие определена динамика, т.е. да не се успори, особено за време на Грчкото претседателство со ЕУ... Пораките се дека и покрај тоа што не фигурира како приоритет, проширувањето останува определна заложба за нивната акција оти во 2003 година, истата земја кога претседаваше со ЕУ, се има заложено да остане ветувањето дека сите балкански земји ќе бидат дел од ЕУ“, вели министерот Никола Попоски за МРТ.
Инаку според шефот на македонската дипломатија, главни теми на вечерата биле случувањата во Босна и Херцеговина и Источното и Јужното партнерство, односно стравувањата дека социјалните немири предизвикани од економскиот фактор можат лесно да прераснат во етнички судири.
Во тој контекст биле споделни мислењата дека во рамките ЕУ потребни се повеќе превентивни ангажмани, односно ангажиарање на дипломатијата за надминување на одредени проблеми и воспоставување на поефикасна комуникација.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник на МРТ од Брисел
