Случајот „Милка“ на суд! Обвинетите заработиле 2 милиони евра
11.02.2014 17:24
Од 2011 година криумчареле добиток од земјава во соседна Aлбанија...

Почна судењето за случајот „Милка“. Се читаше обвинението против 32-ца што се товарат за криумчарење добиток од Македонија во Албанија. Злосторнички се здружиле, давале поткуп, некои ја злоупотребиле службената положба, други фалсификувале знаци за одбележување на стоката. Во судницата беа присутни седумнаесеттмина, другите се во бегство.
Од 2011 година криумчареле добиток од земјава во соседна Aлбанија. Купувале телиња и јунци од сточните пазари во Боговиње- Гостивар и Кривогаштани- Прилеп и Кичево. Откако ветеринарот ќе им изработел фалсификувана пропратна документација непречено ги транспортирале до село Спас кај Дебар. Таму им ги отстранувале идентификациските ушни значки за да не може да им се утврди потеклото. Биле сместувани во шталите на членовите на групата. Полициските службеници-старешини и вработени во полициските станици за гранична контрола „Блато” и „Џепчиште” примале поткуп, за да ја договорат маршрутата и временскиот период кога да се пренесе илегално добитокот во Албанија каде ги препродавале. За 1 килограм добивале по 3,5 евра. Така заработиле два милиони евра. Адвокатите негираат дека се работи за злосторничко здружување.
„Таму се споменуваат некои телиња, претпоставувам до сега се станати бикови, зашто времето коешто го поминаа е речиси година дена. Не знам што ќе се прави понатаму. Ова е еден преседан во судската пракса, кадешто за нешто вакво се одговара и се доаѓа пред суд“, изјави адвокатот Мирослав Вујиќ.
Криумчарениот добиток во Албанија е преземан од група на обвинети од Албанија. Според обвинението, стоката е транспортирана и продаван на пазарите во Тирана, Елбасан и Драч.
Фиљана Кока
