Над 400.000 евра тежок паркинг бизнисот на Манчевски
Паркинг бизнисот во Куманово на потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски според документите што ги има ВМРО-ДПМНЕ тежи 400.000 евра...

Паркинг бизнисот во Куманово на потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски според документите што ги има ВМРО-ДПМНЕ тежи 400.000 евра. Сумата, како што изјави директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски е надградувана со доплнителни приходи од испратените СМС пораки за паркирање, претплатните карти и наплатени пари за блокаторти на тркала поради погрешно паркирање.
„Дамјан Манчевски призна дека фирмата во која тој бил сопственик, работи по тендерот во Општина Куманово. Неговото самопретставување за жртва е арогантно и неприфатливо. Фирмата на Манчевски работи по тендер, а тој се обидува да и каже на јавноста дека е жрвта. Потенцирам, тој не бил вработен во некоја фирма, туку бил сопственик на фирма која работи по тендер во вредност од 22.892.000 денари. Ако заради ова треба јавноста да го сожалува, замислете колкав бизнис треба да добие за тој да чувствува одговорност“, вели Димовски.
Манчевски ги демантира обвинувањата и најавува две тужби. Едната за Димовски, втората за фирмата Метропаркингплус, којашто не ја избришала неговата контакт адреса и по неговото излегување од фирмата. Од Метропаркин пак преку соопштение побараа партиите преку институциите да си кажат се што имаат.
„Јас самоиницијативно се повлеков од фирмата и за тоа ја известив Државната комисија за спречување на корупцијата. Значи, јас ниту сум криел, ниту сум имал намера да се кријам. Јас веќе подолго време немам врска со таа фирма, ниту некогаш сум остварувал било какви приходи од неа. Во оваа држава има институции на системот. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да држи бесмислени прес-конференции, ги повикувам уште еднаш сите сомневања коишто ги имаат да ги достават до надлежните институции“, изјави потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Со нетрпение ја очекувам тужбата, возврати Димовски којшто обелодени дека во коруптивниот скандал е вмешан и градоначалникот на Куманово. Изјавите на Манчевски, дека тој ништо не знаел за паркинг бизнисот, ги демантира фотографијата на којашто се гледа дека градоначалникот на Куманово присуствувал при потпишувањето на договорот со српската фирма Метропаркинг, којашто истиот ден за бизнисот ја овластува скопската фирма во којашто Манчевски бил еден од акционерите.
Виолета Димовска
