Законите за медиуми треба да се спроведуваат
Законите за медиуми се многу добри, но сега е многу важно да се спроведат за да овозможат слобода и плурализам за медиумите...

Законите за медиуми се добри, но, важно е како ќе се спроведат – според претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, оваа фаза ќе ја покаже состојбата со слободата на медиумите.
„Најважната работа е законите да се спроведуваат на начин со којшто ќе се промовира медиумската независност, ќе обезбедат плурализам на мислењата и да бидат инклузивни...инклузивност значи да се слушне гласот на сите засегнати страни“, изјави Дуња Мијатовиќ , претставник на ОБСЕ за слободата на медиумите.
Мијатовиќ не сака позитивната оценка што ја даде за Македонија како лидер во декриминализирањето на клеветата да падне во сенка поради изречените казни. Побарала негативниот тренд на високи казни да престане. Отфрли дека се бави само со технички, а не и со суштински проблеми на новинарите, потврдувајќи го тоа со нејзината посета на Кежаровски во неговиот дом.
„Тој сега ја очекува апелациската постапка...Мене ми изгледаше добро... И навистина е среќен што е со своето семејство. Навистина сум многу благодарна што мојата посета ја овозможија властите“, рече Мијатовиќ.
Мијатовиќ ги повика претставниците на медиумската заедница да покажат солидарност и единство зашто само така можат да се изборат за независно и слободно новинарство. Во однос на рангирањето на Македонија, според „Репортери без граници“, Мијатовиќ посочи дека тоа е тренд во речиси сите земји од Западен Балкан. Од властите побарала поголема транспаретност за диструбуцијата на средствата за огласувањето на јавните органи во медиумите. Подготвена е да го помогне процесот на престојната реформа на јавниот радиодифузен сервис.
Фиљана Кока
