Традиционална храна ќе продава само регистриран производител

12.02.2014 13:25

Ако не се регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство, производителите на традиционалната храна нема да ја продаваат оваа храна од дома...

Отсега јајцата, млекото, сирењето  и други домашни млечни производи, медот,  уловот од риба и дивеч, може да се продаваат и да се купуваат од дома или од фарма, но доколку производителот е регистриран во Агенцијата за храна и ветеринарство и  гарантира за безбедноста и квалитетот во сите фази. 

Ова е предвидено во новиот Правилник за условите за директно снабдување од мали производители  на  храна што важи од јануари годинава.  Производите можат да се продаваат и во продавници, но на специјално означени места за ,,традиционална храна“ или  во угостителски објекти. Во процесот на регистрација е предвидена гаранција за квалитет и безбедност во сите фази на производство и чување. Основно е да биде од рурална чиста средина. Производителот  треба да ги исполни условите за добра хигиенска  пракса, со соодветни простории  и садови со добар квалитет и материјал (согласно со правилниците за производство на традиционална храна). Декларацијата за составот и својствата на производите мора да ја потврди Агенцијата за храна, согласно со законската регулатива. Веќе има над 320 барања. 20% од нив се одбиени, а другите се во постапка на испитување од Комисијата со членови од Агенцијата, Медицинскиот и од Факултетот за фармација. 

Во новиот правилник за директно снабдување од фармите со помало производство  има услов- да не произведува повеќе од 30 литри млеко дневно или 10 илјади литри годишно, 50 јајца дневно или 17 илјади годишно, еден тон мед во сезона, 10 кг риба дневно или 3 и пол тони годишно.За дивечот ограничувањата се најмногу 20 крупни или 60 ситни единки годишно.

„Целта на ваквиот правилник не е да се казнува, туку домашното ситно производство постапно да влезе во системот“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

 

Соња Стојановска