Лажна дојава за бомба во училиште во Тетово
Лажна била дојавата за поставена бомба во основното училиште „Братставо – миѓени“ во Тетово. Учениците беа евакуирани откако на вработените им пристигнале мејлови со заканувачка содржина. Надлежните го пребараа објектот, но не нејдоа ништо. Наставата најверојатно ќе продолжи утре. Во мејлот стоело дека го испраќа „Лудак Ретардиран“.
„Оставете 100 илјади денари покрај дрвото во дворот, во спротивно ќе експлодира бомба, времето е кратко“. Ваква заканувачка порака утрово на „имеил“ истовремено добиле повеќе вработени во основното училиште Братство Миѓени во Тетово.
„Јас тогаш го отворив мејлот и видов дека и мене ми пратиле. Пораката им беше пратена на десет наставници“, изјави Душица Марковиќ – Помошник директор во ОУ „Братство – Миѓени“ - Тетово
Околу 11:40 ја информирале полицијата. Започнала евакуацијата на учениците и вработените. Родителите дојдоа по своите деца. Беа блокирани улиците што водат кон училиштето.
„Пристигнав веднаш со такси и го зедов детето“ изјава на родител
„Ни кажаа да дојдеме да го земеме детето. Јас помислив дека му се случила сообраќајна несреќа“, рекоа родителите.
Полиција, единица за антитероризам, екипа од Дирекцијата за заштита и спасување... започнаа со истрага. Со часови го пребаруваа објектот и дворот, но не најдоа ништо.
„Утврдено е дека нема никаква експлозивна направа и дека се работи за лажна дојава“, рече Маријан Јосифовски – Портпарол на СВР Тетово.
Попладнето состојбата беше мирна. Екипите што истражуваа си заминаа, откако соопштија дека нема никаква опасност.
За сега нема информации за тоа кој ја испратил заканувачката порака и кои се неговите мотиви.
„Во мејлот гласеше дека е испратен од „Лудак Ретардиран“, така пишуваше“, додаде Душица Марковиќ – Помошник директор во ОУ „Братство Миѓени“ - Тетово
На учениците од втора смена им беше јавено да не доаѓаат на училиште. Со настава најверојатно ќе се продолжи утре.
Автор: Зоран Јованоски
Снимател: Даниел Евросимоски
