Берлин: Поинаков пат до евроинтеграција
13.02.2014 11:38
Деблокирањето на македонската евроинтеграција со примената на т.н. словенечко-хрватски модел и задачите за земјата беа теми на разговорите ...

„Вреди да се направи обид и на Македонија да и се дозволи поинаков пат на интеграција од досегашниот“, вели Демохристијанот- претседател на групата за Југоисточна Европа во германскиот Бундестаг, Петер Вајс.
Деблокирањето на македонската евроинтеграција со примената на т.н. словенечко-хрватски модел и задачите за земјата беа теми на разговорите меѓу групата пратеници од македонското Собрание и претставници на германскиот Бундестаг и на Владата во Берлин.
Германија ќе ја продолжи поддршката Република Македонија што побрзо да ги почне преговорите за членство со ЕУ и јасно е детектирано дека евроспетицизмот, прашањата за емигрантите и европската криза не се сојузници на процесот на проширувањето, се пораките што Берлин ги испрати до македонските парламентарци кои два дена како гости на фондацијата „Конрад Аденауер“, јавува „Дојче веле“.
Според Вајс, за што поголем придонес на германските парламентарци во надминување на грчката блокада е договорена подобра меѓусебна размена на информации со што будноста за темата Македонија би била поголема.
Вајс потенцира дека е разговарано за идејата пристапните преговори да започнат на еден неформален начин, без претходно решение за спорот со името, за која цел во наредните месеци уште еднаш ќе треба да се сретнеме и да разговараме.
Во германскиот Бундестаг постои група на добри познавачи и пријатели на нашиот регион кои се расположени да ја разгледаат иницијативата за примена на словенечко- хрватскиот модел при преговорите за членство во ЕУ и за Македонија, потврди Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања на македонското Собрание кој ја предводеше македонската делегација во Берлин.
