Лани шест анонимки за подметнати бомби

13.02.2014 13:10

Вчерашниот е прв настан на лажно пријавување на бомба, регистриран годинава.

Секторот за внатрешни работи Тетово и Единицата за компјутерски криминал во МВР, вчера попладне го идентификуваше лицето кое испрати заканувачка порака на десетина вработени во тетовското Основно училиште “Братство Миѓени“, предизвикувајќи лажна тревога дека во училиштето е поставена бомба.
 
Осомничен е 14-годишен малолетник којшто на својот компјутер ја напишал, а потоа ја испратил пораката од Тетово. Во координација со јавен обвинител и со соодветна судкска наредба, извршен е претрес во неговиот дом и одземен му е компјутерот за вештачење. Малолетникот, во присуство на родител, повикан е во СВР Тетово, разговарано е со него и се работи на документирање на случајот.
 
Инаку, вчерашниот е прв настан на лажно пријавување на бомба, регистриран годинава. Во 2013 имаше шест анонимки од кои четири се расчистени и документирани а против лажните пријавувачи се поднесени соодветни пријави. Расчистени се случаите со лажните дојави за “подметнати бомби“ во ТВ Сител, во СУ “Арсениј Јовков“, во германската амбасада, како и во министерството за економија, а се уште се работи на идентификување на лицата кои лажно пријавија бомби во ТЦ Рамстор и на скопскиот аеродром “Александар Велики“. Во 2012 година беше регистриран само еден случај на лажно пријавување бомба во угостителски објект во Охрид по што сторителот веднаш беше откриен. 
 
Со исклучок на вчерашната лажна пријава во Тетово, карактеристичен е трендот на пријавување односно закани со бомби и во други објекти, покрај училишта, што било претходно случај во 80 насто од лажните пријави.