Генерал Атанасовски се повлекува од Сојузот на борците

13.02.2014 14:02

Причина за ова барање е староста на генералот, кој вели дека повеќе не може во целост да му се посвети на Сојузот...

Сојузот на борците ќе ја менува својата раководна структура, откако актуелниот претседател, генерал Тодор Атанасовски, на последната седница побарал од главниот одбор да биде изземен од функцијата.
 
Причина за ова барање е староста на генералот, кој вели дека повеќе не може во целост да му се посвети на Сојузот. Главниот одбор, од друга страна, претпочита генералот да остане на челната позиција, а претходно неколку пати ги одбивале неговите барања. На следната седница на собранието, генералниот одбор повторно ќе расправа дали ќе го прифати барањето на Атанасовски. 
 
Инаку, Сојузот на борците се издојуваше по големината на својот имот во Скопје, но и во градовите низ Македонија. Последниот претседател, Гавро Пановски, кој исто така замина од позицијата пред да му истече мандатот, изјавуваше дека Сојузот наплаќа кирии во вредност од 13,5 милиони денари и дека има сигурна готовина од околу 5 милиони денари.
 
Атанасовски вели дека моменталното салдо на Сојузот е сведено на нула.
 
„Сојузот е обезимотен од државата и од судските спорови. Имавме имот во Охрид, но е блокиран со решение на државата, блокирани ни се средствата и не даваат да ги користиме. Нашата сметка е нула. Наплатата од кириите не ги покрива ниту административни трошоци“, вели генералот.