„Купи куќа, купи стан“ со подобри услови
Отсега ќе можат да купат и оние кои имаат наследство, но не повеќе од една половина од имотот...

Стан или куќа отсега ќе можат да купат и оние кои имаат наследство, но не повеќе од една половина од имотот. Ова се најновите измени во проектот „Купи куќа, купи стан“. Се поместува и границата за месечните примања на брачните парови, од 900 се зголемува на 1.300 евра. Ќе се земаат во предвид само примањата по основ на плата.
„Сега им даваме можност на сите кои што по основ на наследство стекнале идеалан половина или помалку од половина да можат да учествуваат во проектот, и да не мора да го продаваат тој дел“, рече Зоран Ставрески вицепремиер и министер за финансии.
Со најновите измени ќе може да се аплицира за кредит со цел да се замени стан за поголема куќа и обратно. Досега можеа да аплицираат семејствата кои сакаат да го продадат станот и да купат поголем или куќа да ја заменат за поголема. Шансата досега ја искористија 243 семејства Државата додели 1,5 милиони евра субвенции. За купување на стан имало 211 барања, а 32 за куќа.
„1,5 милион евра е вкупниот број на субвенции. За проектот купи куќа купи стан најмногу има интерес во Скопје, но и во Битола, Струмица и Прилеп“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Со проектот „Купи куќа, купи стан“ граѓаните може да добијат до 10.000 евра неповратни средства за стан или до 15.000 евра при купување, градење или доградување на куќа. Кај моделот рата за првите три години каматата изнесува 4,99%, додека следните две 5,5%.
Дијана Ценевска
