Груевски- Ховит: Поддршката од европските институции е значајна
14.02.2014 09:19
На средбата се разговарало за европските интеграции на Република Македонија, за реформите и мерките кои се превземаат во насока на исполнување на пропишаните стандарди...

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вчера оствари средба со известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит.
Како што информираат од Владата, на средбата се разговарало за европските интеграции на Република Македонија, за реформите и мерките кои се превземаат во насока на исполнување на пропишаните стандарди, како и за целината на интегративниот процес на државата.
Соговорниците, како што се вели во соопштението, се согласиле дека позитивниот извештај и петтата по ред препорака за преговори со Европската Комисија преставува позитивен сигнал во приближувањето кон Европската Унија и потврда за сработеното на тој план.
Премиерот Груевски истакна дека за државава е значајна поддршката која се добива од европските институции и воедно му се заблагодари на известувачот Ховит за посветеноста и ангажираноста на Европскиот Парламент во контекст на продолжување на напредокот, стои во соопштението.
Тој потенцирал дека државата активно работи на подобрување на процесите и исполнување на нотираните забелешки во последниот извештај на Европската Комисија посочувајќи дека Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес.
Премиерот Груевски го информирал Ховит и за активностите и мерките кои се превземаат на полето на економијата, инвестициските вложувања и поттикнување на трговската размена.
