Работен доручек Попоски-ЕУ амбасадори
14.02.2014 12:18
Во фокусот на разговорите беа реформите кои ги спроведува Македонија поврзани со ЕУ агендата и чекорите кои ќе бидат преземени во следните месеци...

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска одржа работен доручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската унија во Република Македонија како дел од воспоставената редовна пракса на размена на мислења за актуелни прашања во процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија.
Во фокусот на разговорите беа реформите кои ги спроведува Македонија поврзани со ЕУ агендата и чекорите кои ќе бидат преземени во следните месеци за да се обезбеди повторен позитивен годишен извештај за напредокот од Европската комисија за 2014 година.
Министерот Никола Попоски ги информираше соговорниците дека продолжува работата за исполнување на преостанатите задачи од Пристапниот дијалог на високо ниво истакнувајќи ги неодамнешните постигнувања по однос на усвојувањето на измените на Изборниот законик, пакетот закони во медиумската сфера, законите за реформа на јавната администрација како и чекорите во областа на правосудството.
Тој е уверен дека во 2014 година ќе се интензивира спроведувањето на реформската агенда, регионалната соработка и градењето на позитивна клима и соработка со сите соседи во прилог на напорите за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ.
