Фатален исход во сезоната на грипот
14.02.2014 13:31
Грипот ја зеде и четвртата жртва оваа сезона...

55- годишниот скопјанец што вчера починал на Инфективната клиника боледувал од цироза , а грипот од типот А му ја влошил состојбата. Го лекувале повеќе од 20-тина дена. И претходно бил хоспитализиран во повеќе наврати.
„И покрај спроведената антивирусна терапија и другата терапија за основното заболување, кај пациентот со постојано влошување на клиничката состојба, почина во ноќните часови на 13 февруари, во тешка клиничка слика на инфлуенцата и на основното заболување“, изјави д-р Билјана Петреска, специјалист инфектолог од Универзитетска клиника за инфективни болести.
На Клиниката уште 6 лица се на интензивна нега, од кои 5 се во потешка состојба. Еден е на апарати за дишење. Од вкупно 110 хоспитализирани пациенти, повеќе од половината се болни од грип. Најмногубројни се постарите лица, но има и деца и трудници. Според податоците од Институтот за јавно здравје, од почеток на сезоната досега има 11 000 заболени. Само во последнава недела се регистрирани 3156 нови случаи, што е за 34% повеќе од истиот период лани. Досега има четворица починати. Иако грипот не стивнува, сепак, според податоците на Институтот, интензитетот благо опаѓа.
Соња Стојановска
