Свобода: Македонија што побрзо во ЕУ
14.02.2014 14:19
Македонија најбрзо што може да стане членка на ЕУ или барем да ги започне преговорите, порача лидерот на социјалдемократите во Европскиот Парламент, Ханес Свобода...
Македонија најбрзо што може да стане членка на ЕУ или барем да ги започне преговорите, порача лидерот на социјалдемократите во Европскиот Парламент, Ханес Свобода. Но, реформите мора да се спроведуваат оти нема демократско опшество без слободни медиуми. Лидерот на социјадемократите во земјава Зоран Заев, смета дека Македонија повеќе не е предводник во спроведување на реформите за развој на демократијата, владеење на правото и слободата на медиумите и дека секоја година е се поназад од ЕУ.
Лидерот на социјалдемократите Свобода пред престојната посета на грчкиот шеф на дипломатија Евангелос Венизелос ги повика двете страни да најдат решение за проблемот со името. Од Венизелос побарал да преземе чекори за отпочнување на преговори со Македонија, без разлика дали ќе биде постигнат компромис. Па изрази надеж дека владата прави се за да дојде до решение за прашањето или барем да преземе некакви чекори за да започнат преговорите. Очекува да биде исполнето ветувањето од Грчкото претседателство дадено во минатото дека сите земји од регионот ќе влезат во ЕУ. Сите земји, смета Свобода и се потребни на ЕУ, особено Македонија, која чека долго да ги отпочне преговорите. Но реформите треба да се спроведат.
„Секако имаме определени критериуми за влез во ЕУ и во минатиот понекогаш некои работите се толерираа, што е загрижувачко за земјите аспиранти. Доколку земјите не ги спроведуваат реформите понатаму ќе се соочат со проблеми. Сите велат ние сега сме во ЕУ и не мора повеќе да ги спроведуваме реформите. Строги сме за тие прашања, не да ја казниме земјата, туку затоа што реформите се неопходни. Нема демократија, без слободни медиуми, без владеење на правото“, вели Ханес Свобода.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека за разлика од минатото Македонија повеќе не е предводник во спроведување на реформите за развој на демократијата, владеење на правото и слободата на медиумите. Според него, Македонија секоја година е се поназад од ЕУ.
„Македонија за жал во последните осум години стана поделено општество како никогаш досега во кое партијата и партиската книшка диктираат се во нашата земја“, вели Заев.
Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит сака да се направи предскрининг поглавјата за демократијата, владењето на правото и слободата на медиумите. Тоа би било начин за да се направи напредок за да отпочнат преговорите. Тоа се вистинските проблеми на земјата и тоа го потврдуваат критичарите во демократскиот процес кои бараат да се презема акција во таа насока.
Фиљана Кока
