30 милиони евра субвенции, откупот на тутунот во завршница

14.02.2014 15:47

Субвенциите ќе ги амортизираат, според тутунарите, пониските откупни цени годинава...

Интензивно  се исплаќаат субвенциите за тутунот. Производителите трпеливо пред банките да ја подигнат државната  поддршка од 60 денари за килограм откупен род. Заедно со парите од предадениот тутун во компаниите.
 
„Имам 1.500 килограми тутун. На тие количества чекам субвенции...Добредојдени се субвенциите. Кога немаме повеќе, и тоа е добредојдено... Одлично е што ги исплаќаат...Субвенциите се добредојдени, но од цената не сме задоволни...Ќе земам субвенции, околу 120.000 денари за два тона тутун...Колку-толку ја ублажуваат ситуацијата. Да ја покриеме нафтата...Субвенциите се навреме, некои немаат земено пари од откупот...“, велат анкетираните тутунари.
 
Субвенциите ќе ги амортизираат, според тутунарите, пониските откупни цени годинава.
 
Со часови тутунарите трпеливо чекаат во редици да си ги подигнат парите од субвенциите, но и од тутунот предаден во компаниите кој се уште се откупува. 
 
Според последните информации, се исплаќаат субвенции за тутун предаден и во Алијанса од Кавадарци, Сокотаб од Битола, прилепскиот тутунски комбинат, и во Струмица Табак.
 
Од министерството за земјоделство потврдуваат: Континуирано, без застој, ќе се исплаќаат субвенциите за родот од околу 30 000 тони. Близу 30 милиони евра ќе тежи финансиската поддрршка на оваа индустриска култура. Во меѓувреме, откупот влегува во завршницата.
 
„Прилепскиот тутунски комбинат веќе 90 насто од планираните количества ги откупи, остануваат уште 10-ина проценти“, вели Жаклина Зојческа, од одделот за откуп на тутунот во Тутунски комбинат Прилеп.
 
Досега во земјава се откупени околу 80 насто по просечна цена од 156 денари за килограм.
 
 
Елизабета Митреска