Македонската и турската армија ја прошируваат соработката
Висока делегација на Генералштабот на оружените сили на Република Турција, предводена од генерал-потполковник Мехмед Дајсал, претстојува во официјална тридневна посета на Република Македонија и АРМ.
Делегацијата составена од повеќе генерали и адмирали од ГШ на ВС на Република Турција, посетата на АРМ ја остварува во рамките на студиското патување низ земјите од Балканот, при што денес реализираше посета на Генералштабот на АРМ , каде домаќин беше началникот ,генерал-потполковник Горанчо Котески.
Гостите искажаа високи оценки за достигнатиот степен на реформи, оперативните способности на АРМ и покажаните резултати при учеството во операциите предводени од НАТО. Во оваа прилика беше истакната подготвеноста за развој на нови проекти за соработка помеѓу двете армии, со кои ќе се зголеми компатибилноста и оперативната способност на АРМ, со што Република Турција ќе продолжи и понатаму со конкретната поддршка на Република Македонија, за нејзино активно членство во НАТО.
За време на посетата на Република Македонија гостите од Турција ќе ја посетат спомен собата на Кемал Ататурк во Битола, како и дел од културно-историските споменици во Ресен и Охрид.
Посетата на АРМ од страна на турските генерали и адмирали е резултат на традиционално добрата билатерална воена соработка помеѓу македонската и турската армија, која се одвива на повеќе полиња.
