12 лица затруени со гас во училиште Гостивар

14.02.2014 22:29

Дванаесет затруени, од кои седум ученици, и петмина вработени од средното економско училиште во Гостивар се донесени вечерва на Клиниката за токсикологија, со симптоми на труење со гас.

Тие ноќва ќе бидат задржани на Клиниката на опсервација и лекување. Премиерот Никола Груевски, како што најави владината прес-служба, вечерва ќе ги посети затруените лица, соопшти МИА.
 
Според директорот на Клиниката д-р Андон Чибишев ниту еден од нив не е во животно загрозувачка состојба. На затруените, како што вели, им е земена крв, и се прават токсиколошки анализи за да се утврди за каков гас се работи.
 
Попладнево 28 ученици и седум професори и технички персонал се примени во гостиварската болница со симптоми на гадење, проблеми во дишните органи и солзење. Директорот на гостиварската болница, Ферит Муча изјави дека дванаесет од нив биле со потешки симптоми и се испратени на Клиниката за токсикологија во Скопје. Другите пациенти се стабилни, но се следи нивната состојба.  
 
Полицијата работи на расветлување на настанот.