Општина Дебар ќе вложи 59 милиони денари за патна инфраструктура

15.02.2014 18:24

Општина Дебар годинава планира да вложи 59 милиони денари за подобрување на патната инфраструктура, согласно Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици.

Најголем дел од планираните пари, односно 42 милиони денари ќе бидат наменети за изградба и надградба на улици во градот.

- Од нив, 15 милиони ќе бидат потрошени за поплочување на главната улица и тоа од делот кај градскиот амам до Пензионерскиот дом, 8,5 милиони денари за изградба на тротоар на патот покрај езерото, осум милиони за изградба на споредни улици во градот, додека останатите средства за иградба на споредни и надградба и реконструкција на пет улици во градот, изјави Петрит Пачуку, раководител на Секторот за урбанизам.

За изградба и надградба на локални патишта планирани се 11 милиони денари. Од нив, пет милиони се наменети за надградба на дел од локалниот пат до селото Могорче, три за изградба на дел од локалниот пат за село Долно Косоврасти и два милиони за изградба на дел од патот кон село Бањиште.По 500 илјади денари се планирани за изградба на дел од локалните патни правци за селата Џепиште и Отишани.

За зимското одржување на локалните патишта и улици во градот и во селата ќе бидат потрошени 1,5 милион денари, за крпење на ударните дупки два милиони денари и исто толку за поставување вертикална и хоризонтална сигнализација, како и 500 илјади денари за изготвување проекти и студии.