Квалитетот- единствен услов за вработување во администрација
Квалитетот станува единствен критериум за вработување. Сите политички, партиски, лични, финансиски и секакви други влијанија ќе бидат елиминирани, вели заменик министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска- Томовска

Целта на новите законски решенија за административните службеници и вработените во јавниот сектор е да се одбере најдобриот, прворангираниот кој што ќе биде понуден на раководното лице на институцијата и кој што ќе има обврска да го избере, за разлика од сега кога се предлагаа тројца, па се оставаше дискреционо право на министерот или на директорот да одбере некој од тие тројца кандидати. Сега тоа се укинува, значи, најдобриот влегува на работа. Квалитетот станува единствен критериум за вработување. Сите политички, партиски, лични, финансиски и секакви други влијанија на таков начин ќе бидат елиминирани, вели во интервју за порталот „Курир“ Марта Арсовска-Томовска, заменик-министер за информатичко општество и администрација.
Томовска во интервјуто објаснува дека последните дваесетина години од осамостојувањето на Македонија па до денес, македонската јавна администрација само се прилагодуваше на промените кои беа условени од транзицијата со некакви козметички зафати, се правеа некои поситни корекции во насока на нејзино подобро функционирање.
„Во таа насока се зафативме со една многу сериозна реформа која што ќе го промени ликот на јавната администрација, која што ќе стане многу поефикасна од сега, поефективна, попрофесионална и сервисно-ориентирана, во смисла на тоа дека ќе се приближи малку повеќе на приватниот сектор, на услугите кои ги даваат компаниите. Очекуваме крајниот ефект од оваа реформа да бидат услуги кои граѓаните ќе ги добиваат многу слично како кај приватниот сектор, кои што ќе бидат многу достапни, ефикасни, за кратко време ќе можат да си ја работата, без притоа да чекаат на шалтери, да се создаваат редици, да се среќаваат со нељубезна администрација која нема да им посвети доволно внимание на нивниот предмет. Граѓаните ќе бидат позадоволни од јавната администрација, а јавната администрација пак, сама ќе и помогне на државата да си ги реализира своите политики и на таков начин да стане поконкурентна на пaзарот“, истакнува Томовска.
