Универзитетот „Св. Апостол Павле“ ќе соработува со данската компанија Ведел ИТ
17.02.2014 10:35
Соработката помеѓу Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и Ведел ИТ креира услови за споделување заедничките цели во областа на информатичките науки и технологии ...

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид и данската компанија Ведел ИТ потпишаа меморандум за соработка кој подразбира размена на искуства и знаења, поттикнување и продлабочување на образовна, практична, научна и техничка соработка во областа на информатичките науки и компјутерското инженерство, соопштија од Универзитетот.
„Соработката помеѓу Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и Ведел ИТ креира услови за споделување заедничките цели во областа на информатичките науки и технологии и отвора одлични можности за реализација на заеднички проекти кои поттикнуваат на унапредување на високо образовните политики и нивно приближување кон ИТ индустријата, како и можност за повтрзување со истата на глобално ниво“, објаснува проф. д-р Иван Бимбиловски, проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Апостол Павле“.
Ведел ИТ е данска компанија специјализирана во создавање талентирани и високо професионални тимови во сферата на ИТ, предводена од менаџерски тим составен од експерти со меѓународно искуство. Засега со повеќе од 200 вработени
во Куала Лумпур, Малезија, компанијата се одлучи за Скопје како прв избор за надградување на нејзината досегашната работа. Новата филијала на компанијата ќе го прошири пристапот на „Ведел ИТ“ до поголем пазар со нудење можности за префрлување на деловните активности на нејзините европски клиенти во Македонија.
