МРТ ги награди најдобрите
17.02.2014 10:51
Македонската телевизија прослави 50 години од нејзиното постоење и 70 од почетоците на Македонското радио. Јубилејот беше повод за да се создаде манифестација што ќе им оддаде признание на најдобрите во Македонија...

Македонската радио телевизија ги награди најдобрите 19 личности, настани и дела кои оставија траен белег во 2013-тата година. Перо Антиќ, филмот „Трето полувреме“, Миле Кузмановски, Борче Стамов се само дел од наградените кои заслужено ја понесоа титулата најдобри. За нив ова признание е мотив за натамошно создавање на трајни вредности.
„Ова е за мене голема чест и мотив за натамошни успеси, мои лични, приватни, и на компанијата која ја водам“, рече Живко Мукаетов, директор на „Алкалоид“.
„Благодарам за поддршката која ни ја давате во текот на целата година, помагајќи ни да ги промовираме туристичките и сите оние други потенцијали кои ги има Дојран“, изјави Борче Стамов, градоначалник на Дојран.
„Тоа е големо достигнување и успешна приказна со која можеме да се гордееме сите“, кажа Џатин Такрар, генерален директор на „Џонсон Мети“ во Македонија.
Македонската телевизија прослави 50 години од нејзиното постоење и 70 од почетоците на Македонското радио. Јубилејот беше повод за да се создаде манифестација што ќе им оддаде признание на најдобрите во Македонија. Со Скопскиот фестивал, радио драмата, домашните шоу програми МРТ прерасна во бренд кој во медиумскиот етер опстојува 7 децении.
„Се што МРТ направила наназад од постоењето, мислам дека за 20 години не успеа да го направи ниту една друга телевизија со национална концесија, ниту да се приближи до продукцијата, а да не зборуваме за музичката продукција“, вели Тони Михајловски, актер.
„Добивме национална телевизија којашто веќе е по терк на националните телевизиски куќи во регионот и пошироко“, рече Дејан Пројковски, уметнички директор на МНТ.
„Носи една нова свежина, едно ново поглавје во целокупниот процес на Македонската телевизија“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска
„Ова треба да го прави Македонската телевизија, да има една ваква манифестација којашто ќе ги прославува успесите на најдобрите“, смета актерот Васил Зафирчев.
Вечерта посветена на најдобрите беше збогатена со изведба на познати естрадни и уметнички имиња во придружба на „Биг бендот“. МРТ за најдобрите се одржува прва година, со тенденција манифестација да прерасне во традиција.
Викторија Тодоровска
