Македонија успешно претставена на саемот за туризам во Бугарија
На саемот за туризам во Бугарија, Македонија се претстави во нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали...

Македонија успешно ги претстави своите туристички потенцијали на Саемот за туризам во Софија, Бугарија, кој се одржа минатата недела во периодот од 13-ти до 15-ти февруари, соопштија од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ).
„Оваа туристичка берза е одлична можност за сите учесници да ги претстават и рекламираат своите досегашни туристички продукти и своите нови програми, да остварат корисни бизнис контакти“, рече Амбасадорот на Македонија во Бугарија, Благој Ханџиски.
Тој додава дека одамна помина времето, кога туристите бараа класичен одмор на нашите езера, планини или мориња, кога се сметаше, дека за нивното привлекување е доволно државата да има само ретки и незаборавни природни убавини. Денес, од туристичкиот производ се бара да предложи цело- годишен културен, спа, релаксирачки, еко и хоби- туризам.
Македонија и Бугарија како две соседни земји имаат многу заеднички работи, една од нив е туризмот, рече Директорот на АППТ, Христијан Џамбазовски.
„Според податоците на државниот завод за статистика, бројот на странски туристи е зголемен за 15%, додека бројот на Бугарски туристи кои дошле во Македонија е зголемен за неверојатни 15,5%. Овие извонредни бројки покажуваат дека соработката на Македонија и Бугарија е на доста високо ниво, за што се надеваме дека оваа тенденција на пораст ќе остане и во иднина бидејќи имаме високи очекувања од овој пазар. Бугарија во овој момент е рангирана на петто место по бројот на туристи, веднаш по Турција, Србија, Холандија” нагласи Џамбазовски.
На саемот за туризам во Бугарија, Македонија се претстави во нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали.
„Оваа година Република Македонија има нова креатива во поглед на штандот и промотивните материјали. Во 2014-та година ќе ги комуницираме ‘сетилата’ за кои сметаме дека доколку ја посетите Република Македонија, сите ќе ги задоволите. Се беше во знакот на сетилата, а бројот на посетителите и интересот што го пријавија за Македонија, ни покажаа дека сме ја завршиле задачата повеќе од успешно ”, вели Маја Глигоровска, портпарол на АППТ.
Саемот за туризам во Бугарија е 7-ми по ред на кој АППТ ја претстави Република Македонија оваа година. Во наредниот период, Македонија ќе биде присутна на саемите за туризам во уште 8 држави низ светот.
