Пронајдените икони во Албанија се украдени од Македонија

17.02.2014 12:17

Бројот на пронајдените икони кај наводниот колекционер достигна 476, но засега сè уште не е познато колку реликвии веќе се изнесени во земјите на Европската унија...

Македонските експерти, по еспертизата во Албанија, потврдија дека украдените икони се од Македонија, што потврдија и албанските стручњаци.

Тие во извештајот за украдените икони пронајдени кај колекционерот Ѓерѓи Тимо во Албанија утврдија дека 21 икона се украдени од Македонија, јавија албанските медиуми. На оваа експертиза што ја извршиле 11 албански експерти, и претходела стручна процена  извршена од лица од Македонија во Албанија, и кои утврдија дека овие икони се идентични на украдените од македонските цркви. Сега се очекува нашите власти да достават барање до Тирана за да се вратат во матичната земја.

Инаку, според извештајот, другите украдени икони пронајдени кај Тимо биле украдени од албанските манастири и цркви во Лушња, Воскополе, Караваста и Спила.

Бројот на пронајдените икони кај наводниот колекционер достигна 476, но засега сè уште не е познато колку реликвии веќе се изнесени во земјите на Европската унија, пишуваат албанските медиуми.

Лидија Чакар