МВР со детали за експлозијата во Тетово
17.02.2014 13:08
При вчерашниот увид на местото од експлозијата, полицијата, јавниот обвинител и екипа на МВР за антитероризам пронашле траги од крв, направен кратер со одредени димензии, метални фрагменти од непознато експлозивно средство...

Тетовската полиција ги приведе Н.К.(46) неговиот син Н.К.(28) и едно 15-годишно лице, кои од жителите на ромската населба кај реката Пена во Тетово се посочени како директно или индиректно вмешани во активирањето на експлозивната направа вчера, кога беа повредени пет деца, информираше Марјан Јосифовски,портпарол на СВР Тетово.
„Во куќата на Н.К.(46) при вчерашниот претрес под кревет во една од собите била пронајдена граната за рачен ракетен фрлач калибар 40 милиметри. Таткото и синот се задржани во полиција а денеска на разговор е повикан и 15-годишниот малолетник“ рече Јосифовски.
При вчерашниот увид на местото од експлозијата, полицијата, јавниот обвинител и екипа на МВР за антитероризам пронашле траги од крв, направен кратер со одредени димензии, метални фрагменти од непознато експлозивно средство и оштетувања на блискиот ѕид, кои се подигнати и ќе се вештачат.
Од засега непознатата експлозивна направа беа повредени пет деца на возраст од 10 до 14 години кои играле на улицата. Две девојчиња, на возраст од 11 и 14 години, по укажаната помош во тетовската клиничка болница со сериозни повреди по телото и нозете, но во стабилна состојба и надвор од животна опасност, беа препратени на клиниките во Скопје.
