Стано: Решение за името во раната фаза на преговорите
17.02.2014 14:22
Стано посочил дека Европската Унија останува на својот предлог, барање за отворање на пристапните преговори со Македонија и решавање на разликата со Грција во раната фаза на овој процес...

Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, денеска го демантира директорот на Генералнио директорат за проширување, Кристијан Даниелсон, кој пред две недели во Скoпје кажа дека Македонија ќе ги почне преговорите за членство откако ќе го реши наметнатото прашање за името. Стано посочил дека Европската Унија останува на својот предлог, барање за отворање на пристапните преговори со Македонија и решавање на разликата со Грција во раната фаза на овој процес.
„Не сум сигурен дека господинот Даниелсон се изразил на начинот на кој е протолкуван во неговата изјава. Она што тој го кажа е и она што е генералната позиција на Европската Комисија кога станува збор за Македонија. Оваа позиција е многу јасна во однос на прашањето за името и се наоѓа во стратегискиот документ кој е објавен заедно со прогрес-извештајот за Македонија минатиот октомври. Во овој документ за политиката за проширување ние велиме дека одлуката за отворање на пристапните преговори ќе придонесе за општото подобрување на добрососедските односи“, изјави Стано за МИА.
„Ние како Европска Комисија, неколку пати ја повторивме нашата подготвеност да подготвиме преговарачка рамка за овие прашања за решавање на прашањето за името уште во раната фаза од пристапниот процес. Земјите-членки не одлучиле за ова се уште, но тие ветија дека годинава ќе се вратат на ова прашање“, вели Стано.
Во меѓувреме, пет години по ред, Комисијата оценува дека Македонија ги исполнува условите за пристапни преговори, откако земјата во 2005-та стана кандидат за членство. Но, поради блокадите од Грција на самитите на Европскиот совет, барањата и оценките на Европската комисија, не се верификуваат, со што Македонија и натаму е во чекалницата на ЕУ.
