Државната тајна го затвори „Шпион“
На поранешниот директор на агенцијата за спречување на перење пари, Ване Цветанов обвинителот не му дозволи да проговори јавно...

И за тие што побараа отворен претрес за јавноста, судскиот процес за „Шпион“ се одвиваше во најголема тајност. На поранешниот директор на агенцијата за спречување на перење пари, Ване Цветанов обвинителот не му дозволи да проговори јавно. Објаснувањето е дека во исказот ќе изнесува делови што се однесуваат на државна тајна. Неговиот бранител не е изненаден од одлуката на судот да го прифати барањето на обвинителството.
„Ване не одлучува дали ќе биде таен процесот или јавен. Одлучува исклучиво судијата по предлог на обвинителот. Предложи обвинителот во тој дел да биде таен и затоа беше таен“, изјави бранителот на Ване Цветанов, адвокат Саво Коцарев.
Родителите на Цветанов со плач ја дочекаа информацијата дека нивниот син дал исказ зад затворена врата. Заедно со новинарите чекаа цели три часа да почне судењето. Неговата мајка тврди дека тој е невин, ама е тука бидејќи премногу знаел.
„Видете дали има станови, коли, куќи. Нема тој ништо. Знаеме сите сошто е син ми таму, бидејќи , знаат подобро, премногу знае за нашите криминали, да не именувам. Зашто тој е на правда научен и на чесност како родители го научивме ние и ништо друго. Нашето оружје е библијата, само Господ. Фамилии имаат нека се плашат од Господ од никој друг“, рече пред судот Милева Цветанова, мајка на обвинетиот Ване.
Нови моменти имаше и во однос на првообвинетиот Ефремов. Неколку пати го одложуваше исказот зашто сакал да го проучи обвинението, а денеска се бранел со молчење.
„Но тоа не го исклучува неговото право да доколку судот му дозволи во понатамошниот тек на постапката, ако не претходно тогаш во завршниот збор може да ја даде целата своја одбрана“, изјави адвокат Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Ефремов.
Аферата товари 19 лица за шпионажа. Работеле за странски разузнавачки служби, а вршеле и други противправни дејствија.
Фиљана Кока
