Истрагата покажа- немало труење во Гостивар!
Извршено е посебно испитување на пристуство на гасови, но не е констатиран ниту метан, ниту бутан. Ова за МРТ го потврдуваат извори од истагата...

Нема траги од отровен гас во средното Eкономско училиште во Гостивар - потврди истрагата, покажала анализата на земените мостри од ѕидовите на просторијата каде што беше пријавено дека бил фрлен молотов коктел. Се вештачела и облеката на учениците. Според видеоснимките од безбедносните камери, нема сомнителни лица.
Од аализата што беше извршена во крим-техниката на МВР засега не може да се утврди присуство на токсична материја во училиштето коешто би го предизвикала труењето што беше пријавено- вели за МТВ помошник- министерот за односи со јавноста во МВР Иво Котевски.
Негативни резултати по направените токсиколошки испитувања на 16-темина ученици и професори од гостиварското училиште потврдија Клиниката за токсикологија и Судска медицина.
Направениот клинички преглед , клиничките и лабораториските иследувања, вклучувајќи ги и направените токсиколошки иследувања се негативни или во рамките на утврдените референтни вредности, изјави Андон Чибишев – директор на Клиниката за токсикологија.
Дали ќе се отвори истрага за овој случај? На ред е јавниот обвинител од Гостивар Ахмеди.
Истрагата е во тек. Ги чекаме вештачењата од Судска медицина и од Крим-техника од Скопје. Откако ќе ги добиеме и ќе бидат ставени на маса, тогаш ќе се произнесеме, изјави за МТВ Ахмед Ахмеди – Основен јавен обвинител од Гостивар.
Од МВР информираат дека нивниот извештај е проследен до гостиварското Обвинителство и стојат на располагање за дополнителни мерки ако е неопходно за расчистување на случајот.
Директорката на училиштето без коментар за изнесените наоди. Вели, наставата се одвива нормално.
Наставата е нормализирана, се е во ред, течат сите работи, и наставни и воннаставни активности, тврди Јованка Огњановска - директорка на средното Економско училиште во Гостивар.
Во петокот 60-мина ученици, професори, член на обезбедување и полицаец од Гостивар се пожалија на труење.
Наташа Гркова-Петрушевска
