Австрија лобира за Македонија во ЕУ
Австрија и во иднина ќе биде силен лобист на Македонија во Европската Унија...

Политичките односи меѓу двете земји се беспрекорни а економската соработка во подем. Ова се поентите од средбата на македонскиот премиер Никола Груевски со неговиот австриски колега, канцеларот Вернер Фајман. Груевски го запознал Фајман за реформите што се спроведуваат во Македонија и добил уверување дека австриската поддршка нема да изостане и во натамошниот тек од процесот на интеграција во евроатланските структури. Шефовите на двете влади разговарале и за спорот за името и изразиле надеж дека дипломатијата ќе го реши проблемот а во тоа ќе и помогнат сите засегнати страни.
„Имавме корисен разговор, јас зборував и за одредени напредоци што ги имавме во Македонија во повеќе други области, во делот на економијата, многу реформи што ги направивме, во однос на подобрување на бизнис климата, многу реформи што ги направивме во однос на правосудниот систем, делот на медиумите за којшто во минатото бевме критикувани, во делот на администрацијата, така што доби комплетна слика околу тоа како се движи и во кој правец се движи Македонија. Разговаравме и околу процесот ХЛАД, така што можам да кажам дека Австрија и понатаму ќе продолжи да биде поддржувач на Р. Македонија“, изјави премиерот Груевски.
Австрија е значаен трговски партнер на Македонија а минатата година компаниите од оваа земја се втори по обемот на директни инвестиции. Таа е една од најбогатите во Европската Унија мерено според најважните еконмски параметри. Бруто домашниот производ по глава на жител изнесува 42 илјади диолари а стапката на невработеност е помала од 5 проценти. Алпската држава е ретко во ударните вести на светските медиуми бидејќи станува збор за убаво организирано европско општество во кое австријците и големиот број доселеници живеат без поголеми потреси.
Горан Петрески, специјален известувач на МРТ од Виена
