Арбитражата заштедува пари

18.02.2014 17:17

Наместо на суд, компаниите треба се почесто да ги решаваат споровите преку Арбитража.

Се штеди не само време, туку и пари. Споровите вредни повеќе милиони евра, кои се влечат низ судските лавиринти по 4-5 години, добиваат завршница  најмногу за една година. Искуството на некои од земјите на ЦЕФТА, кои сега се дел од ЕУ, говори дека на овој начин за десет години решиле спорови чија вкупна вредност надминува 800 милиони евра.

Лани вредноста на решените спорови надмина 30 милиони евра, а година пред тоа вкупната вредност беше120 милиони. Сите одлуки странките ги извршуваат доброволно и без приговор“, изјави Михаило Дика-претседател на Арбитражниот суд при Стопанската комора на Хрватска.

Лани Арбитражата при Стопанската комора одлучувала за 6 спора, а најголемиот бил чинел 9 милиони евра. Одлуката била донесена за неполна година, а австриската компанија која го загубила спорот, ја извршила без забелешки.

„Компанијата што го загуби спорот по неколку месеци банкротира поради друг спор.Да беше постапката пред редовен суд, овој доверител не ќе можеше да го наплати побарувањето“, вели Арсен Јаневски, претседател на Арбитражниот суд при Стопанската комора на Македонија.

И покрај отпорите на судската и на адвокатската фела, бизнис-заедницата тврди дека решавањето спорови пред Арбитражен суд е побрзо, поевтино и поквалитетно. Експертите им препорачуваат на компаниите наместо долги судски постапки, да ја користат арбитражата која доминира во развиените економии. 

Педантните Швајцарци пресметале дека тамошните арбитражи и носат на земјата приход кој надминува милијарда франци годишно.

 

Свето Николовски