Протести на стечајни работници
Обвинуваат дека со Законот се решава проблемот на мал број стечајни работници, а не на мнозинството...
Незадоволни што не се опфатени со Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација, стотина стечајни работници од Кумановско излегоа на протест. Обвинуваат дека со Законот се решава проблемот на мал број стечајни работници, а не на мнозинството...
„Ова е неиздржливо. Куманово беше индустриски град за време на Југославија, а сега не работи ниедна фирма во Куманово...Ги молaм уште еднаш и апелирам да дојдат да го решиме проблемот засекогаш, финансиски да не обештетат, да ни дадат пари, ние останавме без денар...“, велат дел од револтираните стечајци.
Стечајците се обидоа да ја поминат заштитната ограда по што интервенираше полицијата. Во меѓусебното туркање беа повредени и неколку лица, а беше побарана и медицинска помош.
„Кого го брани полицијата, нас граѓаните кои сме дошле тука да протестираме за нашите елементарни права за да преживееме или државните елити?“, изјави Васко Цацаноски од Левичарското движење „Солидарност“.
Од МВР велат дека нема приведени стечајни работници.
„Дел до учесниците во протестите се обиделе насилно да ги пробијат полициските огради, по што биле спречени од полицијата и притоа е утврден идентитетот на едно лице со легитимирање“, изјави Лиза Бендевска од СВР Скопје.
Стечајците го обвинуваат претседателот на Сојузот на синдикатите Живко Митревски дека ги продал интересите на работниците на сметка на неговите лични интереси.
„ССМ во еден историски континуитет секогаш бил активно вклучен во изготвувањето на проблемот на статусот на овие работници со давање конкретни предлози и забелешки во поглед на законската регулатива“, пишува во соопштението од Сојузот на синдикатите.
Протестот доаѓа само една недела по носењето на Законот за материјално обезбедување невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна државна сопственост. Со него се опфатени околу 3.000 стечајци кои ќе добиваат месечен надоместок од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година, плус здравствено осигурување.
Носењето на Законот беше поздравено од синдикатите и од стечајците, кои во него видоа шанса за достоен живот до пензионирање.
Ана Јосифоска
