Груевски: Австрија може да стане прв инвеститор во Македонија

19.02.2014 11:45

Ние сме тука да помогнеме да стане првиот најголем инвеститор во Македонија, истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форумот за Македонија што синоќа се одржа во Виена...

Угледниот „Фајненшал тајмс“ на бизнис форумот во Виена собра репрезентативен број на австриски бизнисмени. Стотина деловни луѓе, лобисти, креатори на бизнис тековите, ги слушнаа предностите за инвестирање во Македонија

Премиерот Никола Груевски во детали ги запозна менаџерите на австриските компании и банки за спроведените и тековните реформи чија основна цел е да го подобрат деловниот амбиент во земјата.

„Австрија во моментов е вториот најголем инвеститор во Македонија во последните 20 години, но и само во последната година. Ние сме тука да помогнеме да стане првиот најголем инвеститор во Македонија. Овде сме да дадеме повеќе информации за компаниите коишто на некаков начин сакаат да инвестираат во странство, коишто сакаат да отворат  нови пазари и кои бараат нови локации коишто нудат добри услови за бизнис“, истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со групацијата „Фајненшл Тајмс“ го организираше синоќа во Виена.

Австријците слушнаа за поволниот даночен пакет, за пристапот до милионските пазари благодарение на договорите за слободна трговија како и за низата мерки коишто треба да направат од Македонија успешна бизнис приказна.

„Инвестиравме многу во образованието, во сите фази во образованието, почнувајќи од основното образование па се до универзитетското. Воведовме бесплатно и задолжително средно образование. Исто така воведовме и задолжително учење англиски јазик од прво одделение па се до крајот на средното образование, исто така и задолжително учење на втор јазик од шесто одделение, коишто најчесто се германски или француски. Воведовме и многу нови предмети во основното и во средното образование како претприемништво, иновации, компјутерски вештини и многу други за кои веруваме дека се неопходни за малдите луѓе да се развиваат во добри и способни личности во иднина“, истакна Груевски.

Уште поуверливи од пораките на Груевски се искуствата на австриските компании кои веќе работат во Македонија. ЕВН, Мобилком Австрија, Винер Осигурување, Шпаркасе, можат да бидат пример не само за Австрија Казино која со едната нога е веќе во Македонија, туку и за други компании кои доаѓаат од малата, но силна економија од срцето на Еворпа- австриската.

Две од нив, сериозно размислуваат да отворат фабрики во Македонија. Едната од нив произведува сопирачки за возови, а другата менаџира со отпад.

Бизнисменот Манфред Раеснер за МРТ изјави дека Владата на Македонија има поставено добра инвестициска шема и дека ветува многу и дека е заинтересиран за инвестирање.

„Се надевам дека нашиот план ќе се оствари, во тој случај ќе треба да инвестираме, ќе треба да вработиме луѓе, да купиме нови згради. Ќе треба да го зголемиме производството. Затоа дојдов овде, видов дека владата на Република Македонија има поставено добра шема и се изгледа навистина добро и ветува многу. Како што реков, ако помине нашиот бизнис, ќе инвестираме“, вели Раеснер.

Сабина Кидз вели дека Македонија нуди многу атрактивни услови за бизнис.

„Во споредба со другите земји во регионот, мора да кажам дека овде има многу атрактивни услови, особено што се однесува на данокот на заработката на компаниите, којшто е всушност нула, ако не дистрибуирате дивиденди. Тоа е многу атрактивен услов за нас како компанија“, вели Кидз.

Бизнис форумот во Виена е трет, од вкупно 13 што ги организира влијателниот „Фајненшал тајмс“.

Со над 2 милиони читатели, 4,5 милиони регистрирани претплатници и 125 годишно искуство зад себе „Фајненшал тајмс“ е иституција која има клучен збор во голем број на влажни одлуки во светот на парите.

 

Горан Петрески- специјален известувач на МРТ од Виена