МРТ во акција со охридските рибочувари

19.02.2014 14:52

Минатата година беа запленети 35 километри мрежи и беа поднесени голем број пријави. Концесионерот спроведува почести акции за фаќање на рибокрадците...

Рибокрадците и натаму не ја почитуваат забраната за лов на пастрмката на Охридското Езеро за време на мрестот. Минатата година беа запленети 35 километри мрежи и беа поднесени голем број пријави. Концесионерот спроведува почести акции за фаќање на рибокрадците. При една таква акција беше и екипата на МТВ...
 
„Еве ја мрежата на рибокрадците. Бројот на рибокрадците е драстично намален, но сепак ги има“, вели рибочуварот Орце Ласезки.
 
„На потегот Велидап е чисто“, кажува неговиот колега.
 
На овој начин секоја вечер рибочуварите ја водат битката со несовесните граѓани за да го заштитат рибниот фонд на пастрмката.
 
Овој пат рибокрадците се извлекоа, но беа запленети нивните мрежи. 24-часовната заштита на езерото дава резултати. Оваа и минатата година рибокрадството е намалено за 95 %.
 
Но, ова се само дел од активностите на концесионерот. Со раѓањето на новиот ден работата продолжува со излов на пастрмка за потребите на вештачкиот мрест.
 
„Природните плодишта во Трпејца и Пештани се драстично возобновени. Она што го видовме говори дека во споредба со лани има нови мрестови на охридска пастрмка и тоа е факт што радува“, вели Ристе Танасоски, концесионер на „Пастрмка 2012“.
 
Во досегашниот тек на вештачкиот мрест се прибрани околу 1 милион и 700 илјади зрна икра што е повеќе во споредба со минатата година.
 
„Може да се каже дека имаме зголемен број на подмладок,кој што поради големината сеуште не е достигнат за лов.Тоа значи дека имаме нагорна линија на возобновување на популацијата на охридската пастрмка“, изјави Зоран Спирковски од Хидробиолошкиот Институт – Охрид.
 
За целосна заштита на охридската пастрмка слични мерки треба да се преземат и од албанската страна. Во моментот не е така. Иако се формира Здружение на рибари, на албанската една третина од Езерото изловот масовно, со несоодветен риболовен алат го вршат над 200 лица, а во македонскиот дел од концесионерот се ангажирани само 40-тина рибари.
 
Сашо Нелоски