Волците и Ренџерите ги демонстрираа тактиките
Посетителите од сите возрасти, на отворениот ден на пСО имаа можност да се запознаат со борбените средства, техниката и опремата со кои се опремени единиците на пСО...

По повод одбележувањето на јубилејот „20 години сили за специјални операции“ и Денот на полкот за специјални операции (пСО) на Армијата на Република Македонија, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа Отворен ден на полкот.
Посетителите од сите возрасти, на отворениот ден на пСО имаа можност да се запознаат со борбените средства, техниката и опремата со кои се опремени единиците на пСО, а врвната обученост „волците“ и „ренџерите“ на АРМ, ја демонстрираа со изведување на практична обука на мултифункционалната алпинистичка кула, низ тактичките вежби „блиска борба - заседа“ и „обезбедување на високи воени раководители“, при што беше прикажана употреба на беспилотни летала и хеликоптер, како и беспрекорна обученост и психофизичка подготвеност во изведување на повеќе видови боречки вештини.
Командантот на пСО бригаден генерал Васко Ѓурчиновски посакувајќи им добредојде на големиот број на гости и посетители го истакна значењето единицата за специјални операции и неговото формирање како прва специјална со професионален состав, која прерасна во една од најподготвените единици во Република Македонија и во поширокиот регион.
Тој нагласи дека вложувањето во обуката на персоналот е еден од клучните приоритети за достигнување на потребното ниво на обученост на единицата, за што изминатите дваесет години се направени напори и за нејзино соодветно опремување. Според командантот на пСО, строгите критериуми и стандарди на селекција и понатаму ќе бидат основа за влез во специјалните единици, за припадниците на АРМ од сите категории.
