Венизелос доаѓа во Македонија
Грчкиот министер за надворешни работи Евнгелос Венизелос вечерва стигнува во Македонија во улога на претседавач со Унијата. Аналитичари за МТВ оценуваат дека спорот со името нема да биде тема на средбите со македонските политичари, но посетата треба да се искористи за уште еднаш гласно да се кажат позициите на Македонија.

Обична рамка, без слика и содржина – вака експертите што ги анкетираше МТВ ја оценуваат посетата на грчкиот шеф на дипломатијата Венизелос за која велат дека нема да донесе напредок во односите меѓу Скопје и Атина. Посетата на Венизелос тие ја оценуваат како изнудена и наметната од Унијата, затоа што политичарот доаѓа во нејзино име без намера да бара решение за деблокада на процесот.
„Тој јавно изјавува дека проблем не е името, туку копенхашките критериуми, а факт е дека ЕК му предлага на Европскиот совет да ни даде датум за преговори бидејќи ги исполнуваме копенхашките критериуми. Треба да се искористат тие негови недоследности, неточности и лаги и да се обидеме таа посета да ја искористиме максимално, да ги валоризираме нашите интереси, да ги ставиме на маса сите наши факти и аргументи кои се неспорни и да видиме што ќе се случи“, изјави за МТВ амбасадорот и дипломат Ристо Никовски.
„Македонија треба да се покаже зрела на овој разговор, да покаже дека е вистински партнер и дека знае што сака, и дека има свои интереси кои ќе се труди да ги зачува и да ги оствари“, вели новинарката Соња Крамарска.
Екс- министерот за надворешни Милошоски смета дека и покрај навредите што Венизелос ги упатуваше кон Македонија, треба да му се укаже гостопримство.
„Да му се понуди убаво македонско вино, можеби ќе сака да го види новиот изглед на плоштадот, и да му се покаже дека Македонија е една сигурна, стабилна и демократска земја, која си го има своето право по однос на името, но е на наша страна и меѓународното право по однос на пресудата од меѓународниот суд во Хаг“, рече за МТВ поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.
Иако најави дека проблемот со името нема да биде тема на дискусија Венизелос во Белград изјави дека очекува помош од српскиот претседател Николиќ за решавање на спорот.
Анита Димитријевска
