Успешна трансплантација- поттик за тимот и граѓаните

19.02.2014 15:52

Според странските експерти Македонија е на добар пат да стане успешна во пресадување органи од починати донори...

Двајцата пациенти на коишто пред 5 дена им беа пресадени бубрези од починат донор,за прв пат по прекин од 25 години,  се во добра состојба-информира тимот за трансплантација. Тоа е доказ дека Македонија е подготвена. Доби признание од светските и европските асоцијации и лидери за трансплантација.

Проф. д-р Френсис Делмонико-претседател на Интернационалната асоцијација за трансплантација вели: „Треба да се работи напорно, да создадете уште експертски тимови.  Им честитам и давам поддршка на тимот за успешно извршената трансплантација. Ќе му пренесам на вашиот министерот да го поддржи успешниот тим  и да продолжат со континуирана кадаверична трансплантација зашто тоа е најдобро за граѓаните.“

На Хрватска и требале 10 години да стане лидер во светот со 400 трансплантации годишно. Најмногу со поддршка на медиумите вели хрватската координаторка. Почнете со прашање за себе, дали и за кого би дале органи по својата смрт, дали сте подготвени да решите и за своите најблиски, дали би примиле органи?

Националната и кординаторка за трансплантација на Хрватаска и на Југоисточна Европа д-р Мирела Бушиќ вели: „Ниедна држава во светот нема да ви испрати органи. Мораме сами да ги дадеме за своите сакани, соседи. Се се сведува на таа едноставна филозофија  на животот.“

Кај нас се прави листата на потенцијалните  приматели.

„Очекуваме од тие 1400 лица на дијализа 400 да бидат испитани оваа година и доколку ги исполнуваат клиничките критериуми, да бидат ставени на листата на чекање“, изјави д-р Игор Николовски од Универзитетска клиника за нефрологија.

Следен предизвик е пресадување на црниот дроб.

„Еден од условите да се носиме со тоа што Европа го прави и го бара од нас е црнодробната трансплантација,кадаверична или од жив донор, а се разбира децата се приоритет“, изјави проф. д-р Аспазија Софијанова.

Според странските експерти Македонија е на добар пат да стане успешна во пресадување органи од починати донори.

Соња Стојановска