Македонците од САД се пријавуваат за гласање
Македонците кои живеат во странство првпат ќе можат да гласаат за претседател, и тоа на 12-ти април, ден пред гласањето во Република Македонија...

Во пресрет на 7-ми март, крајниот рок до кога граѓаните во дијаспората можат да се пријават за гласање за претседателските избори, од конзулатите во САД велат дека има добар интерес кај македонските државјани за гласање.
Македонците кои живеат во странство првпат ќе можат да гласаат за претседател, и тоа на 12-ти април, ден пред гласањето во Република Македонија.
„Ние во генералниот конзулат во Детроит сме максимално ангажирани да им овозможиме на македонските гласачи да го остварат своето право. Работиме во доцните часови, постојано сме на терен, имаме определени термини за средби со граѓаните. Граѓаните имаат можност да ги преземат пријавите за гласање и во црковните општини Свети Ѓорѓи Кратовски и Света Богородица, а секако, можат да се пријават и преку интернет. Дополнително, во контакт сме и со македонските државјани од големата заедница во градот Виндзор, кои иако живеат во Канада, ќе имаат можност да гласаат и во Детроит, кој за нив е многу поблиску во споредба со конзулатот во Торонто“, вели Елена Зарковска, генерален конзул во Детроит.
Македонските граѓани во странство мора да се пријават во амбасадата или конзулатот каде ќе гласаат, и притоа да донесат копија од македонскиот пасош, копија од визата или од зелената карта со која престојуваат во странство, и да пополнат пријава за гласање. Ова мора да се направи до 7-ми март.
Освен во дипломатските претставништва, граѓаните можат да се пријават и преку интернет страницата на Државната изборна комисија.
